Ракометарите на Струга во натпревар од 11. коло од суперлигашката конкуренција ќе се сретнат со тимот на Скопје.
Стружани првата пресметка со составот на Оливер Димитриоски ја добија убедливо, триумфираа со 37:28.
Сепак, тимот на Скопје, кој на утрешниот дуел во Струга ќе биде формално домаќин, на дел од одиграните натпревари покажа дека е незгоден ривал, па така стружани ќе мора максимално да одработат за да ги освојат посакуваните бодови.
Еден од најмладите членови во тимот на Струга, Филип Мечароски, ги истакна своите очекувања за дуелот со Скопје.
„Со екипата на Скопје нѐ очекува тежок натпревар, во кој мора да сме максимално фокусирани и ќе треба да ги доведеме грешките на минимум за да ја оствариме нашата цел, да дојдеме до победа. Тимот на Скопје има млад состав со неколку играчи кои имаат и суперлигашко искуство. Ние како екипа растеме сѐ повеќе и повеќе од натпревар во натпревар и на секој нареден се трудиме да сме сѐ подобри, добро ги анализираме грешките и се трудиме да не се повторат”, изјави Мечкароски.
Квалитетот и искуството е на страната на Струга, која со победа над Скопје ќе биде многу блиску до остварување на целта за оваа сезона – пласман во плеј-офот.
„Секако дека со победа на овај натпревар ќе бидеме на чекор до плеј-оф. За пласман во плеј-оф фазата сите натпревари до крај се клучни, мора во сите да сме на максимално ниво, на одиграме на најдобро ниво и да дадеме сѐ од себе за да ја оствариме целте за сезонава. Од постигнатото во Супер лигата сум доста задоволен. Секако дека секогаш може подобро, имаше неколку натпревари каде што можевме да одиграме подобро и да извлечеме по поволен резултат. Ако го сумираме досега постигнатото, јас сум задоволен од прикажаното на терен”, заврши Мечкароски.
Натпреварот меѓу Скопје и Струга ќе се одигра утре, со почеток од 14:30 часот во спортската сала „Нико Нестор“. Влезот за сите љубители е слободен.