Ракометарите на Еурофарм Пелистер во рамки од 7. коло од Лигата на шампионите ќе гостуваат во Унгарија кај ПИК Сегед.
Битолчани беа поразени на претходните шест дуели и во Сегед ќе атакуваат на првите бодови во европската елита.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, ги истакна своите очекувања за двомечот со унгарскиот тим.
,,Можам да кажам дека после добро одработените натпревари во домашното првенство, доаѓаме во една друга реалност. Нашата екипа е конструирана за Лигата на шампионите и ни следи уште еден тежок натпревар. Можеме да бидеме задоволни со добрите игри, но не можеме да бидеме среќни, затоа што резултатите изостануваат. Се надевам дека со добра игра ќе дојде и тој позитивен резултат и таа победа во Лигата на шампионите. Одработивме добро и мислам дека сме подготвени за двомечот со ПИК Сегед. Знаеме дека гостуваме на тежок терен и пред пеколна атмосфера. Но, за тоа ќе добијат реванш во нашиот храм, пред нашите верни навивачи”, изјави Ангеловски.
Стратегот на пелистерци вели дека ПИК Сегед е целосно анализиран и се надева на позитивен исход.
,,Ги знаеме нивните силни страни и ќе се обидеме да ја затвориме нивната транзиција и играта преку кружниот напаѓач. Имаме една дилема, а тоа е играњето на Цветан Кузманоски, кој веројатно ќе го пропушти овој натпревар. Многу работи не се сменија со заминувањето на тренерот Пастор. Не треба да не залажува поразот од Веспрем, напротив, тоа треба да ни биде порака дека ќе играме со „ранет лав“. Бомбач е „моторот“ на тимот, словенечката линија и Степанчиќ се моќно оружје, но тука се уште унгарските ракометари и Глеб Калараш. Знаеме дека може да играат „седум на шест“, можат да се трансформираат во одбрана од 6-0, во 5-1, но ќе бидеме подготвени на сите нивни решенија“, додаде Ангеловски.
Во анализата тренерот на Еурофарм Пелистер голема помош доби од Богдан Радивојевиќ, кој четири сезони настапуваше за ПИК Сегед.
,,Сигурно дека Богдан Радивојевиќ ми помагаше, се консултиравме, но јас сите овие години го следев Пастор, затоа што ми е еден од омилените тренери. Нивната игра не е многу променета, новиот тренер не донесе многу новини, па нашата најдобра страна на овие два натпревари би било ако бидеме сплотени. Не смееме да се предаваме, и против Келце имавме слабо отворање, па се вративме”, заврши Ангеловски.
Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер ќе се одигра в четврток, со почеток од 18:45 часот.