Ракометарот на Прилеп, Давид Трајкоски, е меѓу најдобрите стрелци во младинската лига, на шест одиграни натпревари има постигнато 54 голови или во просек по 9 гола на натпревар. Во суперлигашката конкуренција против посилните тимови веќе го покажа својот раскошен талент и покажа дека во него има голем потенцијал, кој во иднина треба целосно да се искористи.
Еден од најдобрите стрелци во машката младинска лига во Македонија, левото крило Давид Трајкоски од Прилеп, паралелно настапува и за сениорскиот тим на прилепчани и дадената минутажа во суперлигашката конкуренција до овој момент ја има искористено на најдобар можен начин.
Младиот ракометар иако има 18 години, во разговорот за 24Ракомет остави впечаток дека знае што сака во кариерата и што му е потребно за да биде она што неговиот тренер во сениорскиот тим Божидар Мојсов го истакна – европско крило.
Трајкоски својата кариера ја започнува во ракометниот клуб Филип, кој е основан во 2004 година. Најпрво кај тренерот Александар Таневски ги учи основни ракометни правила, додека подоцна во школата на Прилеп се надоградува како играч, а одличните настапи во младинските категории му го носат и првиот професионален договор на само 18 години.
,,Кога бев 6-то одделение, во моето училиште имаше ракометен турнир, јас одиграв добро, потоа тренерот Александар Таневски го побара мојот професор Марјан Николоски и го праша дали може да играм во неговата школа. Од негова страна ми беше понудено да видам прво како е во школата, како ќе се чувствувам на теренот, па потоа доколку сакам да продолжам да тренирам. Јас решив да го прифатам тоа, појдов во сала и останав во нејзе (се смее). Мојот труд низ сите овие години беше препознаен пред почетокот на оваа сезона и управата на Прилеп ми пружи убава шанса да го покажам она што го знам и во Супер лигата. Бев многу среќен кога ме известија дека ќе играм за сениорскиот тим. Имав голема возбуда за првиот тренинг, имав позитивна трема како секој играч, но со тек на времето се прилагодуваш. Голема благодарност до раководството на Прилеп што ми укажаа доверба да бидам во тимот”, изјави Трајкоски.
Прилепчани 18-годишниот ракометар го сметаат за голема надеж, која во дуелот со Еурофарм Пелистер покажа дека има репрезентативен потенцијал.
,,Притисок нема, многу ми значи вербата од тренерот и во тоа што верува во мене. Мое е да го слушам тренерот и да го работам она што тој го кажува на тренинзите и го бара за време на натпреварите. Против Еурофарм Пелистер одиграв 50 минути на теренот, тоа за мене е едно големо искуство, бидејќи играв против актуелниот шампион на Македонија. Мислам дека одиграв добро и работам на грешките кои ги направив на тој дуел за во иднина да не се повторат”.
Левото крило додава дека Прилеп можел да оствари далеку подобри резултати во досегашниот тек од сезоната во суперлигашката конкуренција.
,,Верувам дека можевме многу повеќе на овие девет одиграни натпревари, но не бевме многу воиграни на почетокот на сезоната и сите лоши моменти се обидуваме да ги заборавиме и да се насочиме кон следната цел, а тоа е да ја подобриме играта, односно од натпревар во натпревар да го креваме нивото, како во напад, така и во одбрана. Атмосферата во тимот е одлична, има голема хемија меѓу нас, големо другарство и тоа е она што најмногу не краси. Со оглед дека изгубивме неколку клучни натпревари и многу се оддалечивме од плеј-офот, очекувањата за понатамошниот дел од сезоната се да ја играме нашата игра, да одиме до крај, да се бориме и да го даваме максимумот на секој натпревар”.
Тој во сениорскиот тим работи под палката на Божидар Мојсов, додека во младинскиот тим тренер му е Менде Петлески, кој работи како помошен тренер кај сениорите. За него младинската лига претставува појак тренинг и шанса плус да се надогради.
,,Можам да кажам дека не е многу различно кај двајцата тренери, бидејќи го применуваат речиси истиот систем на игра. Посветени се максимално во работењето, сакаат своето знаење да им го пренесат на играчите, а наше е само да ги слушаме, одговараме на задачите и да го даваме најдоброто од себе. Тоа што го работам на тренинг со сениорите се обидувам да го исполнам со младинците, од моја перспектива, јас младинската лига ја гледам како појак тренинг и шанса да ги усовршам работите кои што ги вежбаме со сениорите, едноставно младинското натпреварување ми е како тренинг со сениорскиот тим. Работам максимално со младинците и сите заедно се трудиме да имаме што подобри резултати”.
Еден од најмладите членови на Прилеп се надева дека ќе доби и репрезентативен повик во младинската репрезентација.
,,Секако дека очекувам репрезентативен повик, тоа е сон на секој од нас. Во оваа сезона покажав дека можам да играм и се надевам дека ќе има повик, доколку нема, јас и понатаму ќе се трудам да го покажам најдоброто од себе на клупски план. Според мене, еден млад играч како мене треба да има голема самодоверба, да знае што сака во иднина, кои се неговите цели и да тренира многу повеќе”.
Сениорскиот тим на Прилеп по ЕХФ паузата се врати на обврските и во следното, 10. коло ќе по вторпат сезонава ќе ги одмери силите со Вардар Неготино.
,,Екипата на Вардар Неготино е добра, незгодни се, посебно на домашен терен, тоа го покажаа во дуелот со Пролет, Бутел, Голден Арт…Имаат квалитетен ростер, неколку искусни играчи, но ние ќе атауваме на победа и на освојување на три важни победа. Имаме сѐ што ни треба за напредок во кариерата, управата пробува да ни овозможи тоа што немаме, но такво нешто нема. Единствен проблем ни е салата и термините, бидејќи играме во училишна сала”, заврши Трајкоски.