Tимот на Тиквеш оствари убедлива победа на гостувањето кај Куманово со 28-16 и сега има четири од четири во Супер лигата.
Тренерот Никола Матлиески е задоволен од прикажаното на ова гостување и вели дека клучно за триумфот бил сериозниот пристап на неговите ракометари.
„Кога се припремавме за Куманово се согласивме дека најважен е пристапот. Сметам дека моите играчи имаа сериозен пристап и затоа убедливо го добивме натпреварот. Дојде до израз квалитетот на моите ракометари на стартот на второто полувреме кога го скршиме отпорот на противникот. Доста ротиравме и на оваа средба, успеавме да заштитиме дел од играчите затоа што ни следува тежок распоред претстојниот период. Нормално е дека ќе има подеми и падови, но најважно е дека имаме четири од четири досега“, вели Матлиески.
Следни за Тиквеш се дуелите со Охрид и Скопје на домашен терен, пред дербито со македонскиот вицепрвак.
„Треба да бидеме скромни и умерени оптимисти пред овие средби. Ние веруваме во тоа што го работиме, но како што имам кажано и претходно ќе одиме само чекор по чекор, натпревар по натпревар. Тиквеш на секоја средба, особено дома, оди на победа. Ние работиме, полека ја креваме формата, како индивидуално така и колективно. Охрид е засилен со многу квалитетни ракометари и можеби ќе биде благ фаворит во однос на нас“, продолжи Матлиески.
По повредата на нигерискиот десен бек Ани Обина против Аеродром, тимот игра без класичен десен бек, а против Куманово на повреда се пожали и пивотот Никола Стефановиќ.
„Под голем знак прашалник е учеството на Обина на следните натпревари што не очекуваат во македонското првенство. Тој не играше против Струга и Куманово, не знам кога ќе го имаме на располагање повторно“, заврши Матлиески.
Кавадарчани ги чекаат две средби дома со Охрид и Скопје, па дерби во Автокоманда и европските натпревари со австрискиот Кремс.
Тиквеш го штиклира и Куманово, со целиот плен се враќа во Кавадарци