Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја забележа и втората победа во Супер лигата, откако на домашен терен како гостин го победи составот на Голден Арт со убедливи 38-21.
Пелистерци по поразот од Вардар во дербито, немаа проблеми ниту вчера против Мулти Есенс, ниту денеска против Голден Арт, па победникот беше решен уште во првото полувреме, а домашниот стручен штаб го комбинираше ростерот пред пресметката со Кил во ЛШ.
Беше 4-1 за битолчани, па 8-4, но Голден Арт во еден момент се закани и намали на 10-8. Младиот тим од Скопје влезе во серија промашувања кои беа казнети и Еурофарм Пелистер стигна до плус осум, 17-9. Шилегов во финишот на полувремето се погрижи да намали еден гол од високата негатива.
Како заврши првиот дел, така почна и вториот. Уште поразиграно делуваа домаќините, а поддршка добија од расположениот Кизиќ на голот, па постигнуваа лесни голови во мрежата на Голден Арт.
Предноста само растеше, а навивачите со аплаузи го поздравуваа секој потег на пелистерци. По четириесетина минути беше 25-15 за Еурофарм Пелистер, потоа и 32-16, па се чекаше само конечниот резултат од овој натпревар што им послужи на битолчани како потежок тренинг пред дуелот со Кил.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ѓорговски со осум, како и Василев и Борзаш со по шест погодоци, додека кај Голден Арт се истакна Шилегов со шест гола. Пелистерци во следното коло гостуваат кај Вардар Неготино, додека Голден Арт ќе му биде гостин на Бутел Скопје.