Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го доживеа вториот пораз во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Данска кај Алборг беше поразен со 38:23 (18:10).
Тимот на Јовиќ за следен ривал во европската елита го има тимот на Кил кој во текот на утрешниот ден силите ќе ги одмери со ПИК Сегед.
По предноста на Алборг од 1:0 во воведниот дел, во кој Ландин одбрани на двапати, македонскиот шампион со двата гола на десниот бек Петровиќ ја презеде предноста, најпрво поведе со 2:1, потоа со голот на Кузманоски дојде и до 3:1. Откако битолчани поведоа со 4:2, следуваше серија од 3:0 на домаќините, кои во 10-та минута ја вратија минималната предност од стартот победувајќи со 5:4.
Еурофарм Пелистер беше повеќе од рамноправен противник и добро ги затвори главните играчи на домашниот тим. Составот на Јовиќ функционираше од повеќе позиции, и она што го немаше во дуелот со Колстад, поддршка од голманите, тоа го имаше во првите 15 минути против Алборг.
По првата половина од првиот дел, резултатот беше нерешен 7:7. Силниот тим на Алборг до 20-та минута никако не можеше да се одлепи на поголема предност од еден гол, па така резултатот најчесто беше нерешен. По нерешените 8:8, избраниците на Стефан Мадсен во 21-та минута зголемија на највисоките дотогаш плус два, 10:8, минута подоцна дојдоа до 11:8.
Серијата од 3:0 на Алборг беше причина тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, да повика тајм-аут. Домашниот тим продолжи со серијата, врза уште да гола во низа и се одлепи на 13:8. Тајник со гол од пенал ја прекина серијата на Алборг и за момент намали на 13:9. Алборг ја одржуваше стекнатата предност во финишот од првиот дел, голманот Ландин постигна неколку погодоци на празна мрежа и домаќинот на полувреме замина со плус осум, 18:10.
Домашниот тим на почетокот на вториот дел зголеми на највисоките девет гола разлика, 19:11. По предноста на Алборг од 19:11, Еурофарм Пелистер успеа да направи мини серија и да намали на 19:13. Составот на Мадсен лесни ги казнуваше грешките на пелистерци и имаше сигурна и безбедна предност.
Домашниот тим беше мирен и трпелив во нападите и на дваесетин минути пред крајот дојде до 12 гола позитива, 26:14. До крајот Алборг само ја зголемуваше предноста и рутински ги одигра последниот дел од натпреварот. Еурофарм Пелистер беше во голем пад и не можеше да ја преполови високата негатива.
Светла точка во дуелот со Алборг беше босанскиот интернационалец Павле Петровиќ. Десниот бек даде седум гола, од кои еден беше од десно крило, одигра одлично и во одбраната и покажа дека на него може сериозно да се смета во иднина.