Кастратовиќ: Се вративме во игра, но ни недостигаше сила и концентрација

Ракометарите на Прилеп во рамки од второто коло од Супер лигата на гостувањето кај Пролет беа поразени 30:25.

Голем хендикеп за Прилеп беше црвениот картон на Никола Цветаноски во 15-та минута, па така гостите 45 минути играа без еден од најдобрите играчи.

Најефикасен во дуелот против Пролет беше средниот бек Владан Кастратовиќ, кој постигна пет погодоци.

Црногорскиот интернационалец истакна дека недостатокот на концентрација во последниот период, како и црвениот картон на Цветаноски, биле клучни за денешниот пораз.

,,Не одигравме според договореното, но тоа е спорт. Ни се случи голем пех на почеток на натпреварот. Останавме без еден од најдобрите шутери во тимот. Тој црвен картон многу не потресе и ги поремети работите. И покрај тоа, успеавме да се вратиме и да го израмниме резултатот, но недостатокот на сила не ни дозволи да ги однесеме бодовите дома. Имавме многу шанси, но кога ќе останете без сила и енергија, потешко е да се реализира, можеби недостигаше малку среќа. Како и да е, оваа игра заврши, треба да се подготвиме за следниот дуел. Играме дома со Вардар Неготино, нова игра, нова шанса, ќе дадеме се од себе и ќе се обидеме да ги задржиме бодовите кај нас. Овој дуел за нас е нова шанса која треба да ја искористиме на најдобар можен начин – со победа”, изјави Кастратовиќ.

Прилеп пружи отпор, но бодовите ги освои Пролет