Црногорскиот шампион Ловќен од Цетиње за новата сезона, во која посакува да се претстави во добро светло во Лигата на Европа, во своите редови ангажираше уште еден ракометар од составот на Еурофарм Пелистер. По Мирко Радовиќ, ново име во тимот на Ловќен е повремениот македонски репрезентативец Бојан Маџовски.
Левото крило, коe зад себе има запишано и настапи во Лигата на шампионите, ќе заигра за првпат надвор од Македонија и во тимот на Ловќен ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера.
Маџовски потекнува од школата на Металург и во тимот од Автокоманда ја стекна својата афирмација, најпрво во вториот тим на некогашниот македонски шампион, односно во Металург Јуниор, потоа и во првиот тим.
29-годишниот ракометар во сезона 2018/19 од Скопје се пресели во Битола, а во последните шест месеци од минатата сезона го носеше дресот на вториот тим на Еурофарм Пелистер.
Нови ракометари во Ловќен, покрај Радовиќ и Маџовски, сѐ и Иван Перишиќ, Филип Борозан, Вук Лакичевиќ, Михајло Шчекиќ, Милорад Бакиќ и Лука Вујовиќ.
Ловќен во новата сезона ќе игра и на европска сцена, доби директно место во групите од Лигата на Европа. Црногорскиот првак во второто по квалитет европско клупско натпреварување за ривали ги има Кадетен Шафхаузен, Фленсбург и Елверум.