Екс голманот на Вардар, Галифа Гедбан, кој во редовите на „црвено-црните“ мина две сезони, е пред камбек на балканските простори.
Според информациите на „Балкан-хендбал“, искусниот чувар на мрежата би требало да биде новото засилување во словенечкиот суперлигаш Тримо Требње.
Репрезентативецот на Алжир во дресот на Вардар настапуваше во сезона 2018/19 и 2019/20. Со поранешниот шампион на Македонија во сезона 2018/19 стигна до трофејот во Лигата на шампионите.
Откако го напушти Вардар бранеше за Адемар Леон и амбициозниот тим од Романија, Динамо Букурешт. Во последните три месеци беше на позајмица во Ал Рајан од Катар.
Тримо Требње во новата сезона ќе настапува и во Лигата на Европа. Тимот предводен од Урош Зорман ќе стартува од квалификациите и за пласман во групната фаза ќе треба да ја елиминира незгодната Брага од Португалија.