Женската младинска репрезентација на Македонија загуби по петти пат на Европското првенство во Романија, овојпат убедливо од селекцијата на Србија со 11 погодоци разлика, 30-19.
Србинките отворија со 7-1 и потоа беше тешко да се брка резултат. Нападот немаше идеја, се одеше на индивидуални акции, а противникот ги казнуваше сите грешки со лесни погодоци.
Стручниот штаб се обидуваше со промена на бековите, но ништо не функционираше во играта, а овојпат изостана и поддршката од голманите. До крајот на полувремето Србија ги задржа шесте голови предност, 14-8.
Вториот дел беше само формално одработување на задачата, шанса за настап добија и оние со помала минутажа на овој континентален собир, но немаше никаква закана за водството на Србија.
Најдобри стрелци во македонската селекција беа Нестороска со пет, Ризоска со четири и Стефаноска со три гола. За нашата репрезентација следуваат натпревари за пласман од 13 до 16 место в петок и сабота против Исланд и Хрватска.