Србија не успеа – Германија ќе се бори за злато на СП!

По селекцијата на Унгарија која го победи Исланд, домаќинот Германија е вториот учесник во финалето на Мундијалот за младинци.

Бундес тимот славеше против ослабената селекција на Србија (без Зечевиќ) со 40-30 и ги уништи надежите на нашиот северен сосед за место во финалето.

Домаќините уште по првото полувреме ја најавија победата, кога водеа со два гола разлика, 17-15. Дополнителен проблем за Србите беше црвениот картон што го доби еден од најдобрите ракометари, пивотот Лука Роган во 18 минута.

Во второто полувреме избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ не можеа да се вратат во игра и дозволија ривалот да стигне до голема разлика.

Најдобри стрелци во победничката репрезентација беа Усчинс со девет и Крацман со седум, додека кај Србија се истакнаа Кос со девет и Станисављевиќ со седум погодоци.

Во утрешното финале од 18:00 часот ќе играат Унгарија и Германија, додека во битката за третото место ќе се сретнат Србија и Исланд.