Велешанецот Бобан Петров во новата сезона ќе биде дел од вториот тим на Кил. Талентираниот ракометар, кој од 2017 година настапува во Германија, вниманието на „зебрите“ го привлече со одличните настапи во младинската Бундес лига.
Овој 19-годишен ракометар на располагање ќе ги има сите потребни услови за напредок во својата кариера. Двете страни се договорија на едногодишна соработка, која ќе стапи на сила од месец јули.
Младиот интернационалец од Македонија се надева дека со напорна работа може да дојде и до првиот тим на Кил.
Една од неговите желби е да заигра за кадетската репрезентација на Македонија.
„Се одлучив да потпишам за Кил, бидејќи клубот има одлични услови за напредок, ги имаат најдобрите тренери, феноменална инфраструктура и сите знаеме за каков клуб станува збор. Вклучувајќи ги сите овие фактори, можам да кажам дека лесна беше одлуката да дојдам во Кил. До реализација на трансферот дојде откако добив покана за пробен период и на тренерите им се допадна тоа што го видоа на тренинзите. Моите очекувања од овој добар трансфер се понатамошно развивање во ракометот и секако, еден ден да го облечам дресот на првиот тим. Би сакал да заиграм и за кадетската репрезентација на Македонија”, изјави Петров.