Аеродром со една нога во елитното друштво

Ракометарите на Аеродром предводени од Наум Костов стигнаа до важна победа над Шампион од 43:28 и математички обезбедија најмалку бараж дуел за пласман во Супер лигата,  бидејќи нивниот ривал за 2. позиција, тимот на Драчево, киксна со Младост Богданци.

Аеродром сега на табелата има 37 бода, додека Драчево три бода помалку, односно 34. На 4. позиција моментално се наоѓа Младост Богданци со 30 бода.

Избраниците на Дарко Петровски победата ја обезбедија уште во првото полувреме, кое што заврши во нивна корист од 14 гола разлика, 24:10. Во продолжението Аеродром продолжи со исто темпо и во ниту еден момент не дозовли ривалот да има било каков напредок.

Предводник во екипата на Аеродром беше Наум Костов со дури 16 постигнати погодоци. Кај Шампион се истакнаа Давид Богоевски со осум и Живко Петровски со шест реализации.

До крајот од прволигашкиот плеј-оф остануваат уште две кола. Аеродром треба да игра со Мулти Есенс и Македонија ЃП. Тимот на Драчево за последни два ривали ги има Шампион и Мулти Есенс, додека на Младост Богданци му претстојат реванш дуелите против Астраион и Металург РА.

Како што е веќе познато, дебитантот во Првата лига, тимот на Мулти Есенс, обезбеди директен пласман во Супер лигата. Тимот од Автокоманда сѐ уште е без пораз во дебитанската сезона.