Ракометарите на Вардар по 22 пат во историјата ќе играат во финалето на Купот на Македонија и ќе се борат за трофејот, откако во полуфиналето го елиминираа Алкалоид и славеа убедливо со 31-22.
Предводени од голманот Томовски со 18 интервенции и Манасков со 12 погодоци, „црвено-црните“ ракометари без особени проблеми го надиграа дебитантот на Ф4 и за една недела ќе мора вторпат да се соочат со Еурофарм Пелистер, но овојпат во директен дуел за трофеј во Купот.
Вардарци отворија со водство од 3-1, но Трајкоски му запре еден шут на Стоилов, потоа уште еднаш погрешија „црвено-црните“ и Алкалоид израмни на 3-3 преку репрезентативецот Серафимов.
Потоа се играше гол за гол, дебитантот на завршниот турнир при 5-5 имаше шанса првпат да поведе на мечот, но Серафимов не беше успешен. Талески казни на спротивната страна, а Томовски одбрани зицер.
Голманот на Вардар блескаше, фати уште три чиста шута и вардарци веќе по петнаесетина минути се одлепија на плус четири, 9-5. Лазаров побара тајм-аут, но ниту тоа не им помогна на неговите избраници.
Томовски продолжи со одличната партија и Вардар постигна уште два гола во серија за 11-5, па го најави победникот на овој натпревар. „Црвено-црните“ лесно го одржуваа водството во продолжение. Дебитантот на Ф4 промаши и пенал, но потоа успеа да стопи дел од негативата, а голманот Трајкоски се погрижи за Вардар да води само со плус пет на паузата, 14-9.
На стартот на второто полувреме момците на Недановски ја имаа највисоката предност, 17-10, подоцна беше и 21-14, но дебитантот врза два гола во серија и намали на 21-16.
Вардарци како да застанаа во нападот, па ривалот се доближи на 22-19. Тоа беше знак за Владо Недановски да повика минута одмор, по која Дутра Фереира реализираше за 23-19.
„Црвено-црните“ се разбудија навреме и Манасков со три гола во серија донесе плус шест, 27-21, на седум минути до крајот. Кога Дутра Фереира погоди за 28-21 веќе немаше дилеми околу победникот, па до крајот се играше само рутински и Вардар веќе можеше да размислува за финалето против Еурофарм Пелистер в сабота од 18:00 часот.
Најдобри стрелци во редовите на Вардар беа Дејан Манасков со 12 гола и Гоце Георгиевски со шест погодоци, додека кај Алкалоид се истакна Мартин Серафимов со исто толку.