Ракометарките на Куманово му го нанесоа првиот сезонски пораз на Ѓорче Петров откако во неизвесен дуел триумфираа со 29:28 во натпревар од 7. коло од суперлигашкиот плеј-оф. За Ѓорче Петров поразот не значи ништо, уште од поодамна ја одбрани шампионската титула, додека Куманово со новите три бода останува во игра за второ место.
Првото полувреме мина во изедначена борба на двете страни. Иако домаќинките имаа добар старт, поведоа со 4:0, сепак, екипата на Куманово успеа да ја заборави лошата игра од воведниот дел и со голема мотивираност се врати во дуелот. Гостинките успеаја со три гола во низа да намалат на 4:3, и после средината на првиот дел го презедоа водството, но само за момент.
По водството на старо-новиот шампион од 7:5, повторно гостинките влегоа во одлична серија, во 20-та минута дојдоа до првото водство на натпреварот од 8:7, потоа стигнаа и до плус три гола разлика, 10:7. Фуриозниот налет на Куманово траеше кратко, бидејќи по тајм-аутот на Симе Симовски, домашниот тим се консолидира.
Ѓорче Петров возврати со поголема мера, односно со шест гола во низа за 13:10. Куманово речиси седум минути беше без постигнат гол, а кризниот период во гостинскиот табор го прекина Ивановска, која во последната минута од првиот дел со својот прв гол намали на 13:11.
Играта од стартот на првиот дел се преселика во вториот, но во спротивна улога, па така Куманово со серија од 3:0 дојде до минимална предност од 14:13. Левото крило Николовска во 35-та минута го постигна првиот гол за домашниот тим во вториот дел. Следуваше игра гол за гол и резултатот во 40-та минута беше нерешен, 17:17.
Гостинскиот тим ги користеше слабите страни во одбраната на домашниот тим и успеа да поведе со 19:17 во 43-та минута. Второто израмнување во вторите 30 минути беше во 49-та минута кога Ѓорче Петров со голот на Ризоска од контра ја врати големата неизвесност (20:20).
Динамичната игра продолжи во последните десет минути, акциите се завршуваа за дваесетина секунди, така што само нијанси одлучуваа за исходот од големото женско дерби. Куманово повторно се одлепи на два гола разлика, 25:23, и домаќинот беше под голем психолошки притисок во клучните моменти.
На четири минути пред крајот беше 26:24 за гостинките, но домаќинките за две минути направија комплетен пресврт, најпрво изедначија на 26:26, потоа во 58-та минута поведоа со 27:26. Куманово не се предаваше и израмни на 27:27. Нерешено беше на 40 секунди до крајот, 28:28, домаќините погрешија, исклучување заработи Николиќ и гостинките преку кружниот напаѓач Цветановска реализираа за 29:28. Преостанаа пет секунди, во кои Ѓорче Петров не успеа да се избори за реми.
Најефикасна во победничката екипа беше Сузана Зечевиќ со осум погодоци, седум додаде Андреза Алмеида, по пет реализации имаа Пена Граматова и Габриела Величковска. Кај Ѓорче Петров најдобар стрелец беше Анастасија Николовска со десет погодоци.