Ф4 за пионери – Голден Арт: Ние веќе постигнавме многу

Во пресрет на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција што во недела ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, редакцијата на 24ракомет подготви серија на мини разговори со тренерите на сите екипи. Ќе дознаеме за нивните амбиции, очекувања, што размислуваат за ривалите, како да се подобри квалитетот во пионерската лига. Тренер на Голден Арт е Јаковче Матлиевски, познатиот професор од Струга.

Многу ракометари и репрезентативци од Струга минале низ неговите раце претходните децении и стигнале до спортските височини. Сега „магијата„ на Јаковче Матлиевски е во Скопје и тука сака да создаде нови шампиони. Како дел од тренерскиот тим на Голден Арт, одговорниот за пионерите, Матлиевски во втората сезона веќе има тим од млади ракометари кои стигнаа меѓу најдобрите четири во Македонија.

Голден Арт ќе игра на Ф4 турнирот во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ и ривал во недела од 12,30 часот ќе им биде екипата на Еурофарм Пелистер.

Пласманот на Ф4 турнирот е изборен откако најмладите ѕвезди на Голден Арт го освоија првото место во групата А каде имаа девет победи и едно реми. Во конкуренција на екипите на Скопје, Македонија ЃП, Илинден Вардар, Пролет и Јуниор КВ, ракометарите предводени од Матлиевски имаа импресивна гол разлика од „плус 212“, односно постигнати 362 гола и примени само 150.

Како првопласирани во групата во четвртфиналето беа домаќини на дуелот против Бисинов во Скопје и Голден Арт победи со 25-21.

,,Мојата екипа играше во А групата каде го освои првото место, имаше девет победи и еден нерешен резултат. Екипата редовно тренира, задоволни сме од условите на работата од страна на клубот, кој ни овозможува континуирано да тренираме и да работиме. Екипата е составена од генерација 2008 и помали и сите играчи кои тренираат во пионерската екипа на Голден Арт имаат големи предиспозиции и афинитети во иднина да играат во сениорскиот тим, но и во поголеми клубови во Македонија, смета Матлиевски.

РЕЗУЛТАТОТ САМ ДОАЃА

Освен што настапуваа во пионерска конкуренција сезонава истите ракометари на Голден Арт настапуваа и во кадетска конкуренција. Иако помлади од врсниците тие натпревари им помогнаа повеќе да се воиграат. Таму резултатот беше во втор план, а играта постојано се подобруваше.

,,На овие млади играчи секако дека им треба повеќе натпревари во една натпреварувачка сезона. Јас тоа го забележувам во тренажниот процес, добро би било да имаат натпревари каде што ќе имаат и првенствен карактер. На пример, во мојата екипа има помлади играчи од 2008 и на нив им треба натпревари со нивната возраст, смета Матлиевски.

За младите ракометари на клубот ова ќе биде првото вакви искуство да играат на завршен турнир и да се борат за медал. Нема притисок ниту пак цели кои мораат да се постигнат. Најважно е добро да се игра и да се напредува. Резултатот сам си доаѓа.

,,Ние сме задоволни што учествуваме на Ф4 турнирот во пионерска категорија, па добро би било децата да го почуствуваат тој амбиент, па ќе видиме каков ќе биде исходот. Доколку не очекував пласман меѓу најдобрите четири клубови, не би се обврзал да работам во некоја ракометна екипа. Моите амбиции секогаш биле да играм на завршните турнири”.

ХАРМОНИЈА, ДРУЖЕЊЕ И ПОСВЕТЕНОСТ

За успех потребни се многу фактори, а Матлиевски откри како неговиот тим успеал во тоа да дојде до Ф4.

,,Клучот за пласманот на Ф4 турнирот беше хармонијата во екипата, дружењето на моите играчи, работата и посветеноста на самите играчи и нивните родители. Заедно постигнавме повеќе. На сите учесници им посакувам спортска и коректна борба, а на родителите коректно и спортско навивање, нека победи ракометот, порача Матлиевски пред стартот на турнирот.

За поголем напредок на младите категории, Матлиевски смета дека треба да се посвети повеќе внимание. Повеќе, натпревари, турнири и кампови. Очекува РФМ да реагира.

,,Ракометната федерација на Македонија (РФМ) одлично го има одработено системот на натпревари, но треба повеќе внимание да посвети на помладите категории. Федерацијата си има своја стратегија, сепак, младите категории заслужуваат повеќе натпревари во една сезона, да имаат што повеќе кампови и повеќе пријателски натпревари и турнири, завршува Матлиевски.

Ф4 турнирот кај пионерите ќе се одржи на 7 мај во Скопје, поточно во малата сала во СЦ „Јане Сандански”.

Полуфинални парови

  • 10:30 часот МРК Куманово – РК Аеродром
  • 12:30 часот РК Голден Арт КЛ7 – РК Еурофарм Пелистер
  • 17:00 часот натпревар за 3-то место
  • 18:45 часот финале

Ланската година титулата во пионерска категорија ја освои екипата на Бисинов, која во финалето славеше над Струга со 21:18.