Струмички Астраион во натпревар од 5. коло од плеј-оф фазата во прволигашката конкуренција успеа да дојде до победа против Шампион со 39:36 (17:19).
Натпреварот меѓу моментално двете последнопласирани екипи на табелета го одбележа членот на Астраион, левиот бек Марко Стојанов, кој против скопскиот тим постигна 17 погодоци, сите од игра, а 14 од нив ги даде во второто полувреме. Стојанов кон своите соиграчи подели и неколку асистенции, со што беше најзаслужен за освоените три бода.
Според очекуваното и прикажаното во првото полувреме, побендикот се одлучуваше во последниот период. Двете екипи наизменично се менуваа во водство, на полувреме Шампион замина со ,,плус два” 19:17, но во продолжението продолжи драмата и големата борба за бодовите.
По нерешените 31:31, домаќините постигнаа три гола во низа, се одлепија на 34:31 и до крајот водеа со два до три гола разлика.
Освен Марко Стојанов со 17 погодоци, во победничката екипа се истакнаа Васе Наков со седум и Васко Стојанов со шест реализации. Кај Шампион прв стрелец беше Илија Пејковски со осум погодоци.