Касим Каменица е легендарен босански стратег кој како ретко кој друг може да се пофали дека ги водел најдобрите клубови на целиот Балкан – Вардар, Еурофарм Пелистер, Целје, Загреб, Нексе, Партизан, Војводина…
Во моментов тој е претседател и тренер на неговиот матичен клуб од Босна и Херцеговина, Горажде, со кој се бори за опстанок во тамошната елитна конкуренција.
Во интервју за „Свијет Рукомета“, Каменица вели дека неговата држава не се грижи за ракомет и посакува да има копија на ваучер-системот од Македонија и во Босна и Херцеговина.
„Во Македонија се воведени даночни олеснувања во спортот, па нивните водечки клубови како Вардар и Еурофарм Пелистер по овој основ добиваат по 350.000 евра годишно. Не е срамота да го препишеме од другите тоа што е добро и што функционира. Ние немаме министерство за спорт, а Олимпискиот комитет се занимава со индивидуалните спортови и ги поддржува со некои мали суми“, вели Каменица.
Освен Вардар и Пелистер, Каменица во Македонија беше дел и од Младост Богданци и од женскиот првак Ѓорче Петров.