Тимот на Младост Богданци забележа важна победа во борбата за место во елитната конкуренција следната сезона, откако славеше против Астраин со 31-29.
Струмичани на овој натпревар пружија силен отпор, беше реми 29-29 во финишот, но домашните со два гола по ред ги грабнаа трите бода. Младост отвори со 4-0, беше и 10-4, а до паузата струмичани успеаја да ја преполоват негативата, 17-14.
Во вториот дел кога беше 24-20, гостите израмнија на 24-24 и најавија возбудувања во финишот на мечот. Одново Младост стигна до навидум безбедни 29-26, но и Астраион не се предаваше, па израмни на минута до крајот на 29-29.
Чрчев погоди за 30-29, а потоа Паунков одбрани шут на гостите. Топката се одби до Мастев, судиите досудија престап, па тој реагираше и го заработи третото исклучување и црвен картон на десет секунди до крајот.
Во последниот напад Николоски стави точка на триумфот за 31-29. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Пеев и Атанасов со по седум погодоци, додека кај Астраион се истакнаа Марко Стојанов со девет, Васе Наков со шест и Васко Стојанов со пет гола.
Младост сега има 21 бод на четвртото место на табелата, додека Астраион останува на шест бода.