Екипата на Струга во натпревар од 8. коло во плеј-аут фазата дојде до победа против тимот на Скопје со 31:25.
За Струга денешната победа беше четврти триумф во низа, откако во последните три кола беа совладани и екипите на Јуниор КВ, Радовиш и Вардар Неготино.
Одличен натпревар против Скопје одигра десниот бек Урош Лазаревиќ, кој беше најефикасен во својот тим со осум погодоци.
Искусниот ракометар истакна дека Струга со прикажаната игра на последните четири дуели се наоѓа на вистински пат да избори добар пласман во плеј-аут фазата.
,,Имавме одличен почеток, испочитувавме сѐ што беше договорено пред дуелот, имавме добра реализација и константно одржувавме висока разлика. После лошиот старт, сега врзавме четири победи по ред, ја вративме самодовербата, која навистина ни недостасуваше и можам да кажам дека се наоѓаме во победнички колосек. Очекувам да продолжиме со исто темпо и да ја имплементираме нашата игра до крајот на сезоната”, изјави Лазаревиќ.
Голманот Дамјан Тутенкоски ја посочи одбраната како главен фактор за убедливиот триумф.
,,Пресудно за убедливата победа против Скопје беше цврстата одбрана. Одигравме одлично од стартот, направивме добра резултатска предност и беше јасно дека ќе дојдеме до триумф. Првата победа во Неготино ни беше доволна да се создаде позитивна атмосфера и победничка енергија и се надевам дека така ќе продолжиме до крај на натпреварувачката сезона. Што се однесува до мојот настап денес, задоволен сум од прикажаната партија”, изјави Тутенкоски.
Струга за следен ривал во борбата за опстанок ја има екипата на Куманово, која денес одигра нерешено со Јуниор КВ.
Струга продолжи со победничката серија, му се одмазди на Скопје