Јуниор КВ во луд финиш освои бод кај Куманово

Ракометарите на Јуниор КВ со голот на Иван Андревски се изборија за реми во Куманово 25:25 во натпревар од 8. коло од плеј-аут фазата во Супер лигата.

Кумановци на осум натпревари во плеј-аутот забележаа шест победи едно реми и на свое конто имаат само еден пораз. Јуниор КВ се наоѓа во опасната зона за испаѓање, моментлано е претпоследна со осум бода.

Избраниците на Игор Котевски имаа добри 20 минути, ја диктираа играта и на моменти водеа со највисоки шест гола разлика. Куманово стартуваше со водство од 2:0, потоа дојде до ,,плус три” 7:4 и како одминуваше времето играше сѐ подобро и подобро.

Јуниор КВ имаше криза од 10-та минута, па сѐ до 20-та минута, период во кој Куманово осетно ја зголеми разликата. Домашниот тим по првата половина дојде до 10:5 и за неколку минути игра имаше предност од 12:6.

Во финишот од првото полувреме гостинот започна да ја топи предноста. Сепак, домашниот тим не дозволи Јуниор КВ да направи целосен пресврт и на полувреме замина со позитива од 15:13.

Во продолжението, односно во најголемиот дел од вторите 30 минути, гостите беа во егал и негатива од еден гол. Куманово со погодоците на Ѓурашковиќ, Мрвовиќ и Крстаноски направи голем исчекор во последниот период зголемувајќи на 22:19.

По водството на домаќините од 24:22, гостите со голот на Николовски намалија на 24:23 во 55-та минута, а минута подоцна не реализираа контра за израмнување. Ниту домаќините не играа најдобро во финишот од дуелот и двапати по ред го погодија противничкиот голман.

Тимот од Скопје во последните десетина секунди промаши зицер, но играчите на Куманово не успеаја да ја соберат одбиената топка на голманот Кимевски, па така за Јуниор КВ останаа уште пет-шест секунди, во кои Андревски со својот втор гол конечно погоди за израмнување и поделба на бодовите.

Најефикасен во Куманово беше новото засилување Немања Ѓурашковиќ со шест погодоци. Стрелците кај Јуниор КВ ги предводеше Филип Петровски, постигна шест погодоци, додека Антонио Николовски имаше пет реализации.