Струга не знае за пораз со Танески, ја освои и Кисела Вода

Ракометарите на Струга играат како препородени по доаѓањето на Наум Танески на клупата и ја забележаа третата победа во серија, откако славеа на гостувањето кај Јуниор КВ со 30-25. Домашните пружаа отпор, особено во првиот дел, но во второто полувреме кога Струга направи голема предност, Јуниор КВ немаше сили за нешто повеќе од достоен пораз.

Домашните отворија со водство од 3-1, но по неколку нивни избрзани напади, со голови од контри казнија крилата Костоски и Јанкуловски, како и пивотот Ѓуровиќ па Струга презема водство и поведе со 4-3.

Двете екипи имаа добри моменти во продолжение, Бардакоски и Рикановиќ одбранија по неколку шута, но како одминуваше времето така стружани ја преземаа контролата. Со погодокот на голманот Рикановиќ стигнаа до највисоки плус три, 12-9.

Сепак Јуниор КВ по тајм-аутот на Печенковски, се врати во игра, намали на 12-11, а имаше шанса и со реми да заине на пауза, но судиите го поништија голот на домашните бидејќи беше надвор од времето.

Одличен на голот на Струга беше Рикановиќ, па неговите соиграчи на стартот на второто полувреме направија солидна залиха, 17-13. Домашните не се предаваа и ја преполовија негативата, 20-18, а веднаш потоа беше и 21-19.

Но потоа нападот на Јуниор КВ беше без многу идеја, Струга лесно го наоѓаше патот до мрежата на домашните и Костоски зголеми на највисоки плус пет, 25-20. Во меѓувреме срдниот бек на стружани, Бугариновиќ заработи трето исклучување и црвен картон, но тоа не беше голем проблем за гостите кои рутински го одработија финишот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бугариновиќ со седум гола, како и Лазаревиќ и Костоски кои дадоа по пет, додека кај Јуниор КВ се истакнаа Симоноски со шест и Петровски со пет погодоци.

Струга сега има 12 бода за петтото место, додека Јуниор КВ остана на седмото со седум бода. Во следното коло стружани ќе го пречекаат Скопје, а Јуниор КВ ќе оди на тешко гостување кај Куманово.