Македонија ќе игра на ЕП во ракомет на плажа во Португалија!

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја прифати понудата од ЕХФ за учество на женската репрезентација на претстојното Европско првенство во ракомет на плажа, кое ќе се одржи во Португалија.

По откажувањето на селекцијата на Турција од ЕП во женска конкуренција, како и одбиените покани од Чешка и Швајцарија, следна на ранкингот беше токму Македонија.

РФМ на поканата на европската ракометна куќа одговори позитивно и нашата репрезентација по пауза од речиси четири години повторно ќе се појави на ова натпреварување.

Македонија ќе игра во група заедно со репрезентациите на Холандија, Украина и домашната селекција.

Македонија своевремено имаше и машка и женска репрезентација во ракомет на плажа, играше на ЕП и на СП, беше во конкуренција за висок пласман, а последниот обид за успешно враќање во овој спорт не беше баш успешен.

Во 2019 игравме на ЕП во Катовице, во двете конкуренции, но немавме забележителен настап и амбициите одново спласнаа.

Претходно бевме дел од ЕП 2011, во Умаг каде што мажите го освоија последното место, а девојките беа на 10. позиција.