Тимот на Колстад полека, но сигурно станува еден од побогатите клубови во Европа. Норвешкиот тим, кој во следната сезона ќе биде посилен со еден од најдобрите ракометари на светот, левиот бек, Сандер Сагосен, во рок од две сезони направи голем скок во однос на финансиите.
Буџетот на клубот за плати на играчите во сезона 2021/22, во која започна да се гради амбициозниот проект, изнесуваше само 835.000 евра, додека во оваа сезона, буџетот е 2.600.000 евра, пренесува норвешкиот портал ТВ2 Спорт.
Во новата натпреварувачка сезона 2023/24, буџетот на Колстад за плати на играчите ќе биде 4.692.000 евра, додека вкупниот буџет на клубот ќе биде околу седум милиони евра.
Неговиот главен конкурент на домашна сцена, тимот на Елверум за плати на играчите има одвоен буџет од 1,3 милиони евра.
За потсетување, екипите на Монпелје и Нант од Франција имаа вкупен буџет од околу осум милиони евра, така што Колстад станува конкурентен на многу големи клубови кога се во прашање финансиите.
,,Сите зборуваат за нас како дека само купуваме, но за две сезони купивме вкупно осум играчи. Јасно е дека сега избираме играчи со сосема поинакво ниво од претходно. Имаме конкурентна плата. Поголемиот дел од играчите се селат од Германија каде нивото е многу високо. Затоа, треба да им понудиме соодветни услови“, изјави генералниот директор на Колстад, Јостеин Сивертсен.
Колстад освен Сандер Сагосен, за следната сезона ги ангажираше и двајцата норвешки репрезентативци од Фленсбург, Горан Јоханесен и Магнус Род.