Селекцијата на Грузија со убедлива победа над Литванија со 32-18, го отвори третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година во Германија.
Грузијците предводени од актуелниот голман на Охрид, Зураб Цинцадзе кој имаше десет одбрани (39% процент на успешност), работата ја решија уште во првиот дел кога водеа со 17-7. Левото крило на охриѓани, Хазеин Рустамов даде еден гол, додека левиот бек на Прилеп, Мириани Гавашелишвили, немаше погодоци.
Селектор на Грузија е екс вардарецот Тите Каланадзе, а неговиот син Николоз Каланадзе беше втор стрелец со седум гола.
Прв стрелец кај победникот беше Гиорги Сковребадзе со десет погодоци, некогашниот член на Прилеп и Еурофарм Пелистер – Темо Орјоникидзе даде два гола, екс членот на Металург, Иракли Кбилашвили даде четири, додека Гиорги Дикаминџија кој своевремено играше за Струга постигна четири гола.
Ова за Грузија е прва победа во квалификациите со која останува во игра за пласман на континенталниот шампионат кој ќе се одржи во Германија. Во групата 7 на првите две позиции се Унгарија и Швајцарија со по четири бода, но тие допрва ќе го одиграат својот натпревар.