Екипата на Охрид викендов ќе има нов предизвик во домашниот шампионат.
Во дерби натпреварот од 3. коло од плеј-офот во Супер лигата, охридските ракометари му гостуваат на Тиквеш во Кавадарци.
Десниот бек, Дејан Шешиќ, очекува тежок дуел и борба во текот на сите 60 минути.
„И во ова коло не очекува тежок натпревар, но ние како и на секој претходен дуел, така и на овој одиме по победа и три бода. Тиквеш е добра екипа, посебно на домашен терен каде играат пред полна сала, така да нема да биде лесно. Мора да ги искористиме нашите зицери, да не промашуваме како против Варда, да ја изиграме нашата игра во одбраната и да ги спречиме нивните брзи полуконтри од кои тие се најјаки. Ние се подготвуваме за сите нивни комбинации, видовме дека играат 3-3, 4-2, и се надевам дека на крајот ќе бидеме поуспешни од нив и дека ќе ги освоиме бодовите“, изјави Шешиќ.
По досега одиграните две кола од плеј-офот, екипата на Охрид освои три бода и се наоѓа на петтата позиција, додека Тиквеш е третопласиран со 4 бодови.
Натпреварот помеѓу Тиквеш и Охрид се игра во недела, 26 февруари, од 19:00 часот во спортската сала „Јасмин“.