Ракометната федерација на Исланд соопшти дека спогодбено е прекината соработката со довчерашниот селектор Гудмундур Гудмундсон.
Иако ракометната куќа од островската земја не ја истакна причината за прекинот на соработката, сепак, јасно е дека Гудмундсон не ги оствари зацртаните цели на Мундијалот оваа година.
Исланд на Светското првенство во Полска и Шведска заврши на 12. позиција и остана без квалификации за Олимписките игри во Париз (2024).
Гудмундсон беше селектор на Исланд вкупно 14 години, во кои го освои среброто на Олимписките игри во Пекинг (2008), како и бронзениот медал на Европското првенство во 2010 година, кое беше одржано во Австрија.
Искусниот стратег со репрезентацијата на Данска, во која беше предводник во периодот од 2014 до 2017 година, го освои златниот медал на Олимписките игри во Бразил (2016), додека со репрезентацијата на Бахреин постигна одлични резултати на Азискиот шампионат во 2018 година освојувајќи ја 2. позиција.
Довчерашниот селектор на Исланд е еден од кандидатите за нов тренер на унгарскиот шампион ПИК Сегед.
Во наредниот период треба да се знае новиот селектор на Исланд, кој во текот на месец март го очекуваат двата квалификациски натпревари против незгодната селекција на Чешка за пласман на Европското првенство во Германија.