Поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија, и тренер во неколку други машки и женски екипи треба да биде нов тренер на тимот на Голден Арт, дознава 24Ракомет. Се работи за Владимир Глигоров кој денеска или утре и официјално треба да ја презема функцијата на клупата на скопскиот суперлигаш.
Иако покрај Глигоров, во јавноста кружат уште неколку тренерски имиња, сепак тој е најблиску до клупата на која до вчера седеше Никола Матлиески. Суперлигашот вчера ја раскина соработката со Матлиески, но нема да се чека долго до промоцијата на новиот стратег.
Глигоров ќе има задача да обезбеди опстанок во елитното друштво со Голден Арт, кој по првите две кола од суперлигашкиот плеј-аут има триумф над Јуниор КВ и пораз од Вардар Неготино, што е доволно за шест бода и трето место на табелата.
Искусниот стратег во првиот дел од сезоната беше на клупата на новиот суперлигаш Вардар Неготино, со кој беше прекината соработка по шест месеци. Глигоров се врати во Македонија по работата во Сирија, со која играше на Азиското првенство, а претходно работеше во Саудиска Арабија и Либан.
Женската селекција на Македонија предводена од Глигоров беше осма на ЕП во 2008 година. Во Македонија работеше во Кометал Ѓорче Петров, во Металург РА, Радовиш, како и во уште неколку екипи.