- Српскиот десен бек Ѓорѓе Голубовиќ, е нов ракометар на АЕК Атина со кој потпиша договор до крајот на сезоната. Голубовиќ, кој е поранешен член на Металург и Пролет, првиот дел од оваа сезона беше дел од словачкиот првак Татран Прешов.
- Данскиот шампион ГОГ за следната сезона го потврди трансферот на Линус Персон. Швеѓанецот во екипата на ГОГ ќе пристигне од Нант каде настапува од сезона 2021/22. Персон и ГОГ се договорија на тригодишна соработка. ГОГ претходно се засили со левото крило Александар Блонц од ПИК Сегед и левиот бек Емил Тонесен, кој настапуваше во помладите категории во клубот.
- Голманот на машката сениорска репрезентација на Холандија, Барт Равенсберген, кој моментално настапува во втората Бундес лига, поточно во екипата на Нордхорн, во следната сезона би можел да се пресели во амбициозниот тим на Гепинген, пренесува handball.leaks. Искусниот голман го брани голот на Нордхорн од 2018 година и за тој период во германскиот клуб одигра 156 натпревари и како голман успеа да постигне 24 гола во мрежата на противниците. Моментално Гепинген на голманската позиција на располагање ги има Марин Шего и Даниел Рембан.
- Монпелје соопшти дека сака да ги продолжи договорите со двајцата француски репрезентативци Јанис Лен и Валентин Порт. Двајцата ракометари со Монпелје имаат договори на уште една сезона и во текот на овој месец би требало да се знае дали ќе останат во некогашиот француски првак.
- Екипата на Горњик Забже за останатите дуели од вториот дел од оваа сезона се засили со српскиот интернационалец Милјан Ивановиќ. Србинот одлучи да го напушти Тримо Требње и да се врати во полскиот шампионат. Левиот бек пред да заигра за клубот на Урош Зорман, три сезони го носеше дресот на Стал Миелец. Во својата кариера настапуваше во БиХ, Швајцарија и Норвешка.
- Интернационалката од Шведска, Клара Монти Даниелсен, која настапува на позиција пикер, го продолжи договорот со Шамбре. Швеѓанката со раководството на Шамбре се договори на нова соработка, односно во францускиот клуб ќе настапува најмалку до 2025 година.
- Екипата на Борац од Бања Лука своите редови за остатокот од натпреварувачката сезона 2022/23 ги засили со Раде Раденовиќ. Младиот ракометар, кој игра на позиција среден бек, но може да одигра и како лев бек, во изминатите пет сезони настапуваше во Германија.