Ракометарите на Магдебург славеа против унгарскиот Веспрем со убедливи 32-25 и се искачија на второто место на табелата со 16 бодови, исто колку и гостите, но бундес првакот има подобар меѓусебен скор. Второто место носи директен пласман во четвртфиналето на ЛШ, додека Веспрем, ако остане ситуацијата иста и во следните две кола, ќе мора да игра и осминафинален двобој.
Домашните тргнаа со вдство од 4-1, а во продолжение водеа во два наврати и со плус четири, 10-6 и 11-7, најмногу по заслуги на одличниот Портнеер. Сепак Веспрем успеа да фати приклучок.
Коралес одбрани неколку шута на Магдебург, во нападот реализираа Нилсон, Ненадиќ и Штрлек и Веспрем беше на минус еден, 11-10. Потоа предноста на бундес првакот се движеше одново меѓу два и три гола, а гостите бркаа негатива.
Во финишот на полувремето при резултат 16-15, Андреас Нилсон не искористи зицер ситуација, но немаше време ниту за домашните да организираат напад и на пауза се замина со плус еден за Магдебург, 16-15.
Во второто полувреме Веспрем израмни на 16-16, се играше гол за гол до 19-19, но потоа следуваше потоп за избраниците на Момир Илиќ. Портнер правеше чуда на голот, а Пешмалбек доби црвен картон по трите исклучувања.
Без него во одбраната, Веспрем не беше моќен да му се спротистави на расположениот домаќин. Десниот бек Смитс го полнеше голот на Коралес за 25-20, а се разигра и Мертенс па на унгарскиот тим му немаше спас.
До крајот Магдебург рутински ја одработи задачата и ја задржа предноста до конечните….Со овие два бода германскиот првак го презема второто место на табелата и сега е во пол позиција за директно место во четвртфиналето.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Смитс со девет, Вебер со седум и Мертенс со шест погодци, а голманот Портнер имаше 15 одбрани. Кај Веспрем се истакнаа Нилсон и Штрлек со по пет гола.