Црногорскиот десен бек Владан Липовина го напушти Вецлар, но ќе остане во Бундес лигата до крајот на оваа сезона.
Некогашниот ракометар на Металург, потпиша договор со Магдебург до 30 јуни и ќе биде замена за повредениот Омар Инги Магнусон, кој ќе оди на операција.
29-годишниот Липовина долго време игра во Бундес лигата и ги носеше дресовите на Хутенберг, Рајн Некар Левен, Балинген и Вецлар.
Тој потекнува од Ловќен Цетиње, а промоцијата во Европа ја стекна со настапите за Металург, со кој играше и во Лигата на шампионите.
„Магдебург е еден од најдобрите светски тимови и имаат еден од најдобрите тренери. Среќен сум што ќе соработувам со него и благодарен сум на Вецлар што се согласи на моето барање да си одам“, вели Липовина.
Вецлар на десната бековска позиција ги има српскиот репрезентативец Јовица Николиќ, како и Стефан Чавор, кој се врати на терените по повредата.