Словенечкиот селектор Урош Зорман го објави списокот од 19 ракометари кои ќе патуваат на Мундијалот во Полска и Шведска.
Дел од нив ќе биде и голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак кој имаше одлична полусезона во битолскиот тим. Лесјак ја има довербата на селекторот Зорман, а друштво на голот ќе му прави голманот на Ним, Јоже Базник.
Покрај Лесјак, Зорман на ова СП ќе им даде шанса и на шест дебитанти во репрезентацијата, а тоа се: Алекс Влах, Стефан Жабиќ, Домен Новак, Гашпер Хорват, Слатинек Јовичиќ и Алекс Кавчиќ.
Сепак, не е се така розево кај Словенците, бидејќи Вид Кавтичник пред заминувањето изјави дека еден ракометар од ростерот и еден член на стручниот штаб се позитивни на Ковид. По протоколите на ИХФ потребни се пет дена изолација, па може да се вратат на теренот доколку имаат негативен тест.
Словенија е дел од групата Б на СП која ќе се одигра во градот Катовице, а во неа се уште и репрезентациите на Франција, домаќинот Полска и Саудиска Арабија. Првиот натпревар го играат на 12 јануари против селекцијата на Саудиска Арабија.