Машката репрезентација на Македонија ги одработува последните тренинзи пред заминувањето за Краков, каде што ќе игра на Светското првенство во Полска и Шведска.
Еден од клучните играчи во македонската репрезентација Филип Талески, кој се врати на тренинзите по отсуството поради повреда, истакна дека репрезентацијата на Македонија и покрај тоа што е во група со Норвешка, не се плаши од никого.
,,Имаме една тешка група, но сепак, ние нема да се предадеме против никого. Имавме доволно време за да се подготвиме и мислам дека тоа доста добро го направивме. Првиот натпревар на СП го играме против Норвешка, репрезентација, која е еден од фаворитите за златото, но тоа не треба да не плаши. Ние покажавме повеќе пати дека кога е тешко можеме и знаеме да одиграме. Треба да одиме чекор по чекор и зошто да не направиме некое изненадување? Станавме еден модерен национален тим, даваме многу голови, треба само да се фокусираме повеќе во одбраната…Можеме да се натрчуваме, бидејќи младоста тоа ни го дозволува“, изјави Талески.
Македонија е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина, а првиот натпревар на СП го игра против Норвежаните на 13 јануари.
Избраниците на Лазаров два дена подоцна, односно на 15 јануари силите ќе ги одмерат со амбициозната репрезентацијата на Холандија, додека на последниот натпревар од групната фаза ќе играат против Аргентина.