Машката репрезентација на Македонија ги одработува последните тренинзи пред заминувањето за Краков, каде што ќе игра на Светското првенство во Полска и Шведска.
Голманот на македонската репрезентација Никола Митревски, кој игра во солидна форма во Порто, е оптимист пред настапот на Мундијалот.
,,Со подготовките започнавме многу рано, на 21 декември, мислам дека одработивме одлични подготовки за СП, на кое доста тешко и заслужено обезбедивме пласман, бидејќи ги елиминиравме најтешките репрезентации во тој бараж. Дојде време да се подготвуваме за Норвешка, Холандија и Аргентина, никого нема да прецениме, ниту потцениме. Имаме самодоверба, знаеме што сакаме, тактички добро се подготвени, верувам дека и физички сме доволно спремни. Желбата кај сите играчи е на високо ниво, да се претставиме во што подобро светло, да се носиме со големите репрезентации и да го дадеме последниот атом од силите на секој натпревар”, изјави Митревски.
Македонија е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина, а првиот натпревар на СП го игра против Норвежаните на 13 јануари.
Избраниците на Лазаров два дена подоцна, односно на 15 јануари силите ќе ги одмерат со амбициозната репрезентацијата на Холандија, додека на последниот натпревар од групната фаза ќе играат против Аргентина.