Ракометарот од Данска во редовите на Еурофарм Пелистер, Себастијан Хенеберг по завршувањето на сезоната ќе си замине од тимот на ,,фармацевтите” и ќе се врати во својата татковина.
Искусниот ракометар ќе биде ново засилување во амбициозниот тим на Фредериција. Во овој клуб настапува и Реиние Табоада, кој во минатата сезона беше дел од македонскиот вицепрвак.
Хенеберг со раководството на Фредериција се договори на двегодишна соработка. Левиот бек во тимот на Ларс Валтер пристигна во текот на месец октомври, потпиша едногодишен договор и веднаш се наметна како лидер во екипата, особено на настапите во Лига на Европа.
28-годишниот ракометар потекнува од Силкеборг, каде играше до 2013, потоа мина пет сезони во Архус, пред да го има првото интернационално искуство во норвешкиот Елверум.
Во Еурофарм Пелистер пристигна од данскиот гигант Алборг и примамливата понуда од Фредериција беше причина да си замине на лето.