Во вториот пријателски натпревар помеѓу овие две селекции, Србија успеа да го фрли на колена актуeлниот европски првак Шведска победувајќи на нејзин терен со 28-30. По првиот натпревар во кој минимално славеше Шведска, српскиот национален тим успеа да се реваншира со голема победа, која ќе ја дигне самодовербата до небо пред настапот на Мундијалот во Полска и Шведска.
Шведска-Србија 28-30 (13-12)
Србија подобро го отвори натпреварот и по погодоците на Марсениќ, Вејин и Ѓорѓиќ имаше почетни 0-3. Следуваше шведски одговор со иста мера па за неполни две минути на семафорот беше 3-3. Радивојевиќ од седмерец донесе ново минимално водство за избраниците на Херона, кои успеваа да го одржат во најголемиот дел од првото полувреме. Сепак швеѓаните не се предаваа и со помош на расположениот Апелгрен на голот кој собра седум интервенции во првиот дел, и Клер во нападот, во последните десетина минути го свртија резултатот во своја полза. Јохансон со својот прв погодок ја врати Шведска во минимално водство, а истиот ракометар стави печат на првиот дел за водство на скандинавците од 13-12.
Почетните десетина минути од вториот дел и припаднаа на Шведска, која искористи неколку промашени зицери на противникот, и веќе имаше +4 (21-17) во 40.минута. И кога домашните фанови помислија дека нивната селекција ќе оствари лесен триумф, Србија покажа заби и се врати во мечот. Најпрво Илиќ успеа да израмни на 24-24 во 52.минута, а Вејин со прекрасен гол по подолго време ја врати Србија во водство од 25-26 на пет минути до крајот. Водство кое момците на Херона го задржаа до крајот. Точка на натпреварот со својот петти гол стави Иван Кукиќ, за голема победа на Србија над актуелниот европски првак од 28-30.
Најпрецизен кај победничкиот тим беше токму Кукиќ со пет гола, а во Шведска левото крило Пелас пет пати го погоди голот на противникот.