Поранешниот тренер на Металург и селектор на Македонија, сега е во улога на координатор на сите репрезентативни селекции во Хрватска.
Toј се осврна на дуелот меѓу Македонија и Хрватска, двете селекции кои некогаш ги предводеше, и упати пофални зборови за играта на нашата репрезентација, особено во нападот во мечот што заврши 40-34.
„Не знам кој и дал на Хрватска дваесетина голови за едно полувреме. Позитивно е, тоа значи дека добро одиграа Македонците, и мора да се знае дека не беа комплетни. Разговарав со Лазаров, тој е најдобар потег што можеше да го направи РФМ. Не се сомневам дека еден ден ќе биде најдобар тренер на светот. Тој е млад, сака да напредува, сака совети. Тоа што ме импресионира е што играчите го слушаат, го следат, му веруваат и мислам дека тоа е најдобар потег за македонскиот ракомет што Кире седна на селекторската клупа и не се сомневам дека каков што беше играч, таков ќе биде и како тренер“, вели Червар.
Што се однесува до Хрватска, координаторот на сите селекции не е најзадоволен, но смета дека грешките ќе бидат исправени до стартот на СП.
„Не сум баш задоволен од изданието на Хрватска, мора уште подобро. Генерацијата пред нив освои многу медали, па не е добро вака сега да ’паднеме’. Пред се мораме да работиме повеќе на односот кон играата. Играњето за репрезентација треба да биде најголема чест, мора да се борат сите играчи, да играат со срце, мора да ја поправиме играта во одбрана и да го коригираме нападот во кој не видов многу дисциплина. Но верувам дека до стартот на СП и тоа ќе биде поправено“, вели Червар.
Македонија е во група со Норвешка, Аргентина и Холандија, додека Хрватска ќе игра против Египет, САД и Мароко.