Репрезентациите кои ќе учествуваат на Светското првенство 2023 продолжуваат со подготовките и играњето пријателски натпревари. Репрезентацијата на Зеленортските Острови, која е предводена од екс тренерот на Вардар, Љубомир Обрадовиќ денес во првиот контролен дуел беше поразена од Австрија со осум гола разлика, 39:31 (18:19).
Иако во првите 30 минути избраниците на Обрадовиќ одигра одлично, сепак, квалитетот во вториот дел беше пресуден, па така поискусната репрезентација на Австрија имаше успешен старт на подготовките.
Репрезентацијата на Зеленортските Острови утре ќе игра против Швајцарија, додека еден ден подоцна, односно на 8 јануари, силите ќе ги одмери со Јапонија. Австрија, која нема да учествува на Светското првенство, исто така ќе тестира против двете споменати селекции.
Еден од домаќините на Мундијалот, Полска продолжува со одличната игра пред стартот на големото натпреварување. Избраниците на Патрик Ромбел славеа убедлива победа против Белгија со 29:18. (12:9). Членот на Вардар, Јан Чувара на овој натпревар постигна два погодоци.
Полска не загуби на ниту еден од 6-те контролни натпревари и со сигурност може да се каже дека ќе атакува на висок пласман на Мундијалот.
Шпанија во вториот контролен натпревар повторно дојде до лесен триумф, овојпат против Бахреин со 34:21 (18:13). Претходно „црвената фурија“ убедливо ја совлада Романија со 13 гола разлика, 42:29.
Швајцарија, која се подготвува за квалификациите за Европското првенство 2024, ја надигра Јапонија со 35:31 (17:16), додека Русија и Белорусија одиграа и втор натпревар во Москва на кој славеше домаќинот со 28-25.