Ракометниот сојуз на Црна Гора ги одбра најдобрите играчи за 2022 година, во која ракометарките беа трети на Европското првенство во ноември, додека ракометарите на континенталниот собир во Унгарија и Словачка го остварија најдобриот пласман во својата историја, откако завршија на 11. позиција.
За најдобар ракометар во Црна Гора за 2022 година беше избран екс репрезентативецот на Македонија, Марко Симовиќ, кој моментално го носи дресот на актуелниот црногорски шампион Будванска Ривиера.
Симовиќ беше дел од младинската репрезентација на Македонија во 2007 година, тогаш настапуваше за тимот на Вардар и заедно со македонската репрезентација играше на Светското првенство во 2007, на кое младинците завршија на 10. позиција.
Екс членката на Вардар, Јованка Радичевиќ ја доби наградата за најдобра ракометарка, која настапува во странство, додека Милош Вујовиќ, кој имаше краток ангажман во Пелистер, беше избран за најдобар ракометар во странство.
Ракометарката на Будуќност, Матеа Плетикосиќ е избрана за најдобра ракометарка во Црна Гора. Наградени за покажаниот труд во 2022 беа и двајца млади играчи. Станува збор за Јелена Вукичевиќ, ракометарка на Будуќност. Нејзе и припадна наградата за најдобра млада ракометарка за 2022 година, а најдобар млад ракометар за 2022 во Црна Гора е Мирко Латковиќ.