Капитенот на Хрватска и актуелен член на Кил, Домагој Дувњак иако има 34 години сѐ уште е еден од клучните играчи во својата репрезентација, но и во бундеслигашот.
Искусниот ракометар заедно со „коцкестите“ го очекува нов предизвик, настапот на Светското првенство во јануари, кое ќе се одржи во Полска и Шведска.
Дувњак како главен фаворит на Мундијалот ја истакна репрезентацијата на Данска, која ќе ја брани освоената титула од претходниот Мундијал, кој беше одржан во Египет.
„Дефинитивно скандинавскиот ракомет е добро познат, но Швеѓаните имаа голема криза неколку години. Сега во Шведска играат помлади ракометари кои настапуваат во најдобрите клубови. Тие едноставно напредуваат. Шампионатот во Шведска е многу силен во последните години. Овде во Германија многу се следат данската и шведската лига. Данска е дефинитивно прв фаворит, само кога ќе се погледне кои играчи ги нема во составот, тоа се квалитетни играчи за кои нема место поради големата конкуренција. Данска е фаворит, играат во Малме, практично како да се дома. Целата сала ќе биде полна со Данци. Покрај Данска како фаворит, тука се и Норвешка, Франција и Шпанија, кои секогаш доаѓаат да се борат за медали. Се надевам дека Хрватска може малку да изненади во тој втор круг“, изјави Дувњак за хрватскиот портал „Нет.хр“.
Со оглед на годините, Дувњак во тимот на „зебрите“ не игра по 60 минути на терен.
„Мојата улога во Кил оваа сезона, но и минатата е малку поинаква. Имам тренер кој беше играч, односно мој соиграч, па тој знае како е кога човек ќе достигне одредена возраст, сега имам 34 години. Тренерот се обидува да ме поштеди да не играм 60 минути. На некои натпревари играм повеќе, на други помалку…Што се однесува до минутажата, пак ќе кажам, јас веќе не сум 20-годишното дете и не можам да ја протнам главата низ ѕид. Едноставно, доаѓаат помлади и доаѓаат побрзи играчи”, заврши Дувњак за хрватскиот портал „Нет.хр“.
Хрватска на Мундијалот во Полска и Шведска ќе игра во групата Г заедно со репрезентациите на Египет, Мароко и САД.