Херона ги отвори картите пред настапот на Мундијалот

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Србија, Тони Херона денес го објави поширокиот список пред настапот на Мундијалот во јануари.

На поширокиот список се наоѓаат екс „црвено-црните“ ракометари – Дејан Милосављев, Мијајло Марсениќ, Илија Абутовиќ и Стефан Додиќ, потоа поранешниот член на Металург и Работнички, Вања Илиќ, како и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Немања Обрадовиќ.

Поради повреда, на списокот го нема ракометарот на Вардар, Дарко Ѓукиќ, па така на позицијата десно крило освен искусните Богдан Радивојевиќ од ПИК Сегед и Вукашин Воркапиќ од Иври, беа повикани и Матеја Додиќ од Металопластика и Урош Којадиновиќ од Партизан.

Србија на Светското првенство 2023 ќе игра во групата Е заедно со репрезентациите на Германија, Катар и Алжир.

Групата во која се наоѓа Србија ќе вкрсти со групата Ф, во која ќе игра и Македонија. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.

Избраниците на Херона првиот дуел на СП ќе го одиграат на 13 јануари против Алжир, потоа на 15 јануари ќе играат против селекцијата на Германија и во последното коло од групната фаза, на 17 јануари ќе се соочат со Катар.

Репрезентацијата на Србија на претходниот Мундијал, кој беше одржан во Египет, не обезбеди пласман.