Ракометарите на Аеродром продолжуваат со победничката серија во Првата лига, откако денес триумфираа против незгодниот состав на Астраион, со резултат 39:26, во натпревар од 11. коло од групата Б. Аеродром со денешниот триумф дојде до шест победи во новата натпреварувачка сезона.
Гостите од Струмица, кои во Скопје допатуваа без неколку главни играчи, уште во воведниот дел капитулираа против мотивираните момци на Петровски, кои победата ја обезбедија во првите 30 минути.
Домаќините на стартот се одлепија на 4:1, потоа кон средината на првото полувреме имаа 11:5 и до крајот на првиот дел беа во резултатска предност, која во неколку наврати изнесуваше и плус седум (15:8, 16:9, 18:11). На полувреме резултатот беше 18:13 во корист за домашниот тим.
Астраион поради кратката клупа не можеше да се врати во игра во вториот дел и му дозволи на домаќиниот да има рутинска контрола на резултатот. Аеродром не се опушти во ниту еден момент, ги казнуваше грешките на ривалот и во второто полувреме дојде до поубедлива предност за конечни 13 гола разлика.
Во победничката екипа се истакнаа Андреј Петрески со осум и Филип Пајкоски со седум погодоци. Одличен меѓу стативите беше голманот Марко Богдановски, кој за 40 минути минати на теренот забележа 16 интервенции. Листата на стрелци во поразениот табор беше предводена од Марко Стојанов со девет и Васе Наков со осум реализации.