Селекцијата на Украина ќе биде ривал на женската репрезентација на Македонија во битката за пласман на Светското првенство во Данска, Шведска и Норвешка кон крајот на 2023 година.
Селекторот на Украина, Виталиј Андронов, вели дека шансите на двете репрезентации се еднакви.
„Ако го гледаме рејтингот, тогаш Македонија не е најсилен ривал што можевме да го добиеме. Но оваа репрезентација играше на Европското првенство и сигурно дека ќе биде тежок противник. Мислам дека шансите се 50-50. Подобро е да играме против Македонија отколку против Унгарија или Германија. Тешко е да се каже во моментов за очекувањата. Среќни сме со ждрепката, но не знаеме како ќе биде во април, особено ако не играме на домашен терен. Ќе ја немаме предноста од домашниот тим, но мора да се подготвиме најдобро што можеме“, вели Андронов за сајтот на украинската федерација.
Во првиот бараж Украина со две убедливи победи го елиминира составот на Луксембург. Првиот меч со Македонија ќе биде во Скопје на 10/11 април, додека вториот е три дена подоцна.