Селекторот вели: „некои ракометарки дојдоа неспремни...амбициите не им се како што треба“, дел од репрезентативките, пак велат: „ни фалеше подобра анализа...“
1.Секое чудо за три натпревари
Велат, секое чудо за три дена. Или, за три натпревари. Така некако помина и враќањето на македонската женска репрезентација на големата европска сцена. Чекавме цела деценија, заврши за три дена или попрецизно со три настапи и три порази. Двата од Франција и од Холандија – немоќно разочарувачки, последниот со Романија не баш до толку.
Публиката субвенционирано, остана дел задоволна што Македонија игра повторно на европско и тоа овде на домашен терен, дел малку разочарана по експресната елиминација.
Реално, знаевме до каде ни е чергата во доделениот домаќински настап на 15.Европско првенство, но потајно се надевавме дека новата генерација може да излезе од старата матрица и ќе ја зграби шансата што ретко се добива.
Што видовме од Македонија во „Борис“, во првиот европски настап на женската репрезентација по десетгодишната пауза?
Три силни противници и Македонија не баш топ подготвена за предизвикот. Премногу импровизација, премалку реализација, големи во срцето, но куси во ростерот.
Два однапред впишани порази во првите два дуели со големите фаворити за кои и како да не се замаравме нешто многу, туку требаше само да поминат на редот и поголем фокус на Романија што веднаш се забележа и во играта.
Во сумирањето на впечатоците по настапот, покрај оние стандардните „дадовме се од себе…“, „собираме искуство…“ „противниците се силни…“, „публиката е златна…“ и она добро познато „па, тоа е тоа…“ , отскокнаа две суштински забелешки.
-Селекторот вели: „некои ракометарки дојдоа неспремни, физички неспемни…разочаран сум од тој аспект, амбициите не им се како што треба“
-Дел од репрезентативките, пак забележаа: „ни фалеше подобра анализа на противниците и на самите натпреварите, голмани играчи…ни фалеше поголем ростер, се истрошивме“.
За оние од типот се е супер само напред, можеби небитно, но за реалните и тоа како индикативно дека има пукнатини во системот и во фалените планови. И дека „анатемисаните“ критики и критичари, всушност, не биле ни залудни, ни „злочести“ колку само да го расипат настанот што се подготвува пет години и „златниот проект“ во кој селекторот, ако ви текнува беше со „2 во 1„ ангажман, селектор или кооринатор на сите женски селекции и тренер на машкиот прволигаш.
2.Кармата е чудна работа
Колку и да е неблагодарна споредбата, таа сепак, некако дава и најјасна слика кој до каде е. Од трите домаќини на ова Европско првенство, само македонската репрезентација отпадна со нула по првата рунда. Ни Словенија, ни Црна Гора како земји не се поголеми од Македонија, но во женскиот ракомет се многу понапред. Ако ги прашате како, ќе ви кажат како Јованка Радичевиќ – со многу работа, со јасна стратегија и со луѓе способни да ја реализираат.
Црногорскиот модел е добро познат во женскиот ракомет. Словенија пак, го зема и го усовршува истиот модел во пакет со искуството на Драган Аџиќ, со тренерско селекторски ангажман во Крим и во словенечката репрезентација. Поставува цел и ја реализира.
Освен Црна Гора со триумфалниот поход во „Морача“ и Словенија со сензационалната победа против Данска и онаа клучната против Србија зачинета со „шпиунската кутија“, како еден од моментите што ќе се памети од она што го видовме досега на 15.Европско првенство за ракометарки, ќе остане и скандинавската доминација, но и онаа очигледна шпанска калкулација во Подгорица за добитните +2 во дуел Германија. Темпираната победа на Шпанките им донесе пренесени два бода во главната рунда, на Германките подарок-пласман во Скопје, а на Полска помалку неспортска елиминација.
Но, велат, кармата е чудна работа. Се враќа и наплаќа.
Шпанија во првиот дуел од главната рунда загуби од Романија со спектакуларен гол од пола терен во последната секунда.
Може е до играта, а може е и до кармата. Во ракометот никогаш не си начисто.
Македонската женска репрезентација го заврши настапот, Скопје и Македонија остануваат уште некој ден со европските возбудувања како добар домаќин што заслужува да организира не само женско туку и машко ЕП. Велат, така рекол и господинот Видерер од ЕХФ на селектирана средба со дел од новинарите.
Нема тука многу зошто како, играме на сигурно како Шпанија на +2!
3.Заокружи десетка
На македонските ракометарки вака-така им „помина гајлето“ со европското. На ракометарите пак, допрва им доаѓа пред светското во јануари.
Селекторот веќе го стокми списокот, оној поширокиот што кај нас во последно време некако редовно отвора и пошироки дилеми. И по некое „гајле“ за во иднина.
Од изборот на селекторот за претстојното СП 2023 во Полска и Шведска, може да се „прочита“ дека за разлика од порано кога македонската репрезентација доминираа интернационалците, сега репрезентативната база дефинитивно се стационира во македонската лига. Или поточно на поширокиот список од 35 ракометари на кои смета селекторот Кире Лазаров, „странци“ се само четворица – Филип Кузмановски, Никола Митревски, Мартин Поповски и Костадин Петров. Мнозинството, односно останатите 31 потенцијален кандидат за настап во македонскиот дрес на СП 2023 се домашни играчи.
Во новата констелација, доминантни во националниот тим се два центри со две „десетки“. Во поширокиот избор на селекторот Лазаров, 10 репрезентативци доаѓаат од редовите на новиот суперлигаш РК Алкалоид што го предводи и како тренар и 10 заедно од двата суперлигашки тимови на битолски Еурофарм Пелистер.
Најголема доверба селекторот има во своите пикери, односно сите тројца пикери од РК Алкалоид добија место на поширокиот репрезентативен список на кој има вкупно шест кандидати за оваа позиција.
Впечатливо, проширен ростер за овој циклус има и на голманската позиција која важи за една од најстабилните и најдобропокриени позиции во македонската репрезентација, овој пат со пет голмани во комбинација.
Полска веќе некако по традиција носи големи предизвици за македонската репрезентацијата, од најуспешното младинско во 2002, до чудното ЕП и неуспешните олимписки квалификации во 2016. Претстојното СП 2023 ќе биде нов предизвик и за македонскаат репрезентација и за Кире Лазаров како селектор. Ако ЕП 2022 во Дебрецин беше прво и ново и за подмладениот репрезентативен состав и за новиот селектор, СП 2023 во Краков веќе ќе биде второ, со малку повисоко крената летвичка.
Не е притисок, само констатација.