Раководството на унгарскиот шампион ПИК Сегед денес со соопштение преку клупската страна објави дека соработката со актуелниот тренер Хуан Карлос Пастор, како и со помошниот тренер Марко Кривокапиќ ќе биде прекината.
Иако на двајцата им беше продолжена соработката до јуни, 2024 година, откако минатата сезона ПИК Сегед успеа да ја освои шампионската титула во домашниот шампионат, сепак, во новата натпреварувачка сезона 2023/24 тимот ќе добие нов тренер.
Карлос Пастор и неговиот асистент до крај ќе ја одработат оваа сезона, односно ќе го предводат ПИК Сегед до 30 јуни, 2023 и ќе се обидат да ја одбранат шампионската титула, но и да го освојат Куп трофејот во домашниот шампионат.
Искусниот шпански стратег во клубот од Унгарија пристигна во текот на 2013 година и во неговата ера ПИК Сегед освои три титули во Унгарија, еден Куп трофеј и еден трофеј во ЕХФ Купот.
Во својата кариера беше предводник и на Ваљадолид, а во период од 2004 до 2008 беше селектор на машката сениорска репрезентација на Шпанија, па така нема да има никаков проблем да најде нов клуб.