Еурофарм Пелистер преку Голден Арт сигурно зачекори кон плеј-оф

Еурофарм Пелистер забележи нова победа во домашниот шампионат откако во Скопје  во рамките на 9. коло го совлада составот на Голден Арт со 18-31 (7-12).

Почетокот на натпреварот го одбележаа непрецизни обиди, грешки во нападот и добри голмански интервенции на двете страни. Покрај проблемите во реализација на нападите, македонскиот вицепрвак имаше 4-0 по првите 10 минути игра. Во средина на првиот дел одбраната на Еурофарм Пелистер беше на висина на задачата, па Костески и Танкоски со брза завршница му донесоа предност на гостинскиот тим од 3-9 (20. минута). Но битолчани не успеаа да го зачуваат посакуваното темпо, пред се благодарение на одличниот голман на Голден Арт, Даскаловски. Токму по неговите интервенции Голден Арт ја преполови негативата (6-9 23.минута), а имаше и две шанси за комплетно враќање на неизвесноста на овој дуел.

Брзоплети грешки и неискуството беа пресудни домашните ракометари да не можат да се надеваат на бод(ови) на овој дуел. Во игра единствено ги одржуваше искусниот Даскаловски кој не дозволи моралот на екипата да падне уште во првиот дел и ја одржуваше разликата на пет голови.

По триесет минути игра Еурофарм Пелистер имаше предност од 12-7.

Вториот дел започна со два гола во мрежата на Голден Арт, како најава за победникот и потврда на квалитетот на гостите од Битола. Еурофарм Пелистер во неколку наврати имаше “плус девет”, а првата двоцифрена предност ја создадоа во 42. минута.  Разлика која ја задржаа до самиот крај на дуелот. Во средина на вториот дел Еурофарм Пелистер имаше и највисоки 12 голови, а високата предност значеше нови бодови за битолчани и конечен резултат 18-31.

Најпрецизен во составот на Еурофарм Пелистер беше Костески со 7, а го следеа Пешевски и Ојлевски со по 5. Во домашниот тим Марко Трајковски беше најпрецизен со 4 голови.