Женската репрезентација на Македонија денес ги започна подготовките за настап на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.
Македонија немаше многу среќа во ждрепката и за ривали ги доби репрезентациите на Холандија, Франција и Романија. Пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три репрезентации од секоја група.
Селекторот Љубомир Савевски е свесен за големиот предизвик истакнувајќи дека улогата на аутсајдер може да им помогне на неговите избранички да дојдат до барем една победа во првата фаза.
„Нашата група ја нарекоа групата на смртта, има три светски репрезентации кои имаат освојувано светски, европски првенства, олимписки медали. Нема што да се жалиме ние, таква беше ждрепката, дури и да беше полесна групата, повторно ќе беше многу тешко. Европските првенства се потешки од Светските, секогаш има силни репрезентации. Гледаме каков приклучок прават и Швајцарија, Италија, Словачка, сите репрезентации кои беа далеку зад нас, сега веќе доаѓаат пред нас. Се надевам дека етикетата аутсајдер ќе ни помогне да се израдуваме барем на еден натпревар на ЕП“, изјави Савевски.
Репрезентацијата на Македонија во подготвителниот период нема да одигра контролни дуели.
,,Нема да одиграме пријателски натпревари, така што ќе останеме тука девет дена и во тие девет дена ќе имаме базични подготовки, а потоа уште два-три дена, во кои ќе ги проверуваме силите со неколку теста меѓу себе. Тоа значи ќе имаме 12 дена подготовки до првиот натпревар. Некои од ракометарките играа вчера, се надевам дека се здрави и подготвени за предизвикот. Ние имаме 19 ракометарки на списокот и очекувам дека ќе имаме добри подготовки. Никогаш досега не сме имале толку време, досега беа се по еден ден-два, па натпревар, па ден одмор, па нов натпревар, не можете да имате многу тренинзи. Се надевам дека ќе сработиме нешто за да покажеме едно ново лице на ова Европско првенство. Реков и претходно, нема од што да се плашиме, ние знаеме која група е тука и нема што да се изгуби, може само да се добие. Без разлика на сѐ, целта е да покажеме карактер и да покажеме дека сме на вистински пат”, додаде Савевски.
Европското првенство ќе биде дополнителна мотивација и за неколку млади ракометарки, кои сѐ уште се наоѓаат на почетокот на своите кариери.
,,Јавноста е тука да критикува, со право да критикува кога треба. Ние стоиме на располагање. Имаше напад од некои медиуми дека во јуниорската репрезентација имаше 6-8 кадетки, но оваа ситуација покажува дека нема подобри. Ајде најдете подобар левак од Ива Младеновска, од Коцева, Ризовска, од Дукоска, од голманите… Тоа е вистината. Тие заслужуваат да бидат во оваа репрезентација и со играњето на вакви натпревари ќе добиеме подобар квалитет понатаму, на две Европски првенства, јуниорско и кадетско и едно Светско во 2024 година, овде во Македонија и најважното, бараж за Светско првенство. Се надеваме дека ќе добиеме противник по мерка за да можеме конечно да се пласираме на тоа СП”, заврши Савевски.
Европско првенство 2022 ќе се одржува во периодот од 4 до 20 ноември. Освен во Скопје, ќе се игра и во Подгорица, Целје и Љубљана.