Дабевска оптимист пред ЕП: Топката е округла, сѐ е можно…

Женската репрезентација на Македонија денес ги започна подготовките за настап на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.

Македонија немаше многу среќа во ждрепката и за ривали ги доби репрезентациите на Холандија, Франција и Романија. Пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три репрезентации од секоја група.

Кружниот напаѓач Сања Дабевска верува дека со нејзините соиграчки можат да направат изненадување и да обезбедат пласман во следната фаза, а шансата за остварување на зацртаната цел ќе ја бараат во дуелот против репрезентацијата на Романија, која во Скопје ќе допатува со легендарната Кристина Неагу.

,,Јас сум секогаш оптимист и верувам во моите соиграчки. Секој тренинг и секој нов собир сме сѐ подобри и подобри. Мислам дека може да ја поминеме групата, односно да се пласираме во следната фаза. Шансата за пласман во следната фаза ја гледам со Романија, треба да се подготвиме многу добро за тој натпревар и да дојдеме до победа… Репрезентацијата на Романија ја познавам многу добро бидејќи играв во романскиот шампионат и имам играно неколку натпревари против оваа селекција, но против Франција и Холандија ќе играме првпат и мислам дека акцент ќе треба да ставиме на Романија. Франција е голема репрезентација и можеби најдобрите репрезентации ќе имаат лош ден, топката е округла, никогаш не се знае ништо, сѐ е можно. Очекувам поддршка од публиката и се надевам дека трибините ќе бидат исполнети до последно место”, изјави Дабевска.

26-годишната ракометарка од оваа сезона настапува во Локомотива Загреб, клуб кој што се натпреварува во Лига на шампионите. Играњето на квалитетни натпревари против екипи како Ѓер, Мец… се големо искуство за репрезентативката на Македонија.

,,Настапот во Лига на шампионите ми донесе едно големо искуство, искуство за еден вистински професионалец. Одлично е чувството во ова натпреварување и се надевам дека со своето стекнато искуство од Лига на шампионите ќе можам да допринесам за нашата репрезентација да направи добар резултат. Во Локомотива Загреб напорно се тренира и работи под раководство на искусниот Ненад Шоштариќ”, заврши Дабевска.

Европско првенство 2022 ќе се одржува во периодот од 4 до 20 ноември. Освен во Скопје, ќе се игра и во Подгорица, Целје и Љубљана.