Барса со победа во 4.коло од Лигата на шампионите против словенечкиот претставник Целје Пивоварна Лашко од 38-30(19-15) ги потврди своите шампионски амбиции и статусот на актуелен првак. Пред домашната публика во Блауграна, Барса имаше сериозен испит против расположените Словенци. Одличниот млад состав предводен од Алем Тоскиќ на клупата, во средината на второто полувреме имаше водство и инцијатива, но во финишот на дуелот грешките ги чинеа бод(ови) и нова сензација откако во минатото коло го земаа скалпот на Кил.
Шпанскиот состав предводен од Ортега на клупата започна сигурно во овој дуел. Двајцата Словенци во домашниот состав, Макуц и Јанц го одиграа дуелот против својот поранешен клуб со посебни емоции. Уште на самиот почеток Барса го казнуваше секое невнимание во нападот на Целје, па уште на самиот старт по осум минути игра каталонците имаа 9-4. Предност која се покажа како највисока разлика во првиот дел, бидејќи во продолжение Целје комплетно се врати во игра, помалку грешеше во напад, а проработеа и шутерите од далечина, па разликата до 25 минута се намали на само „плус два“ во корист на домаќинот или 15-13, а словенците имаа нереализиран напад за минимална негатива.
Но како и во воведните минути, секогаш кога противникот ќе им се заканеше со низа од неколку неодговорени голови, ракометарите на Барса ја менуваа брзината.Така беше и во финишот на првиот дел кој на крај го доби домаќинот со 19-15. Тренерот Ортега постојано ги ротираше речиси сите ракометари од својата клупа и тоа имаше влијание на течноста во играта и грешките кои ги правеа домашните ракометари.
Во воведот на вториот дел Барса ја врати највисоката предност до пет разлика и кога веќе сите ги видоа двата победнички бода на контото на домашниот тим, Целје комплено ја врати неизвесноста во овој дуел. По десет минути игра Жига Млакар од контра напад го израмни резултатот на 23-23. Фантастичниот голман на Целје, младиот Габершек беше иницијалната каписла за гостинските ракометари. По одбранетиот удар од седум метри, Иванковиќ во 42. минута за прв пат на овој дуел го одведе Целје во водство 25-24.
Словенците имаа неколку напади и за два разлика, но не успеаа да реализираат, па Барса натпреварот повторно го одведе во егал, а до 50 минута се врати во сигурно водство од „плус четири“ 31-27 преку лесни голови од брза транзиција по грешките во нападите на гостите. До 55. минута Барса го надмина највисокото водство на натпреварот па дојде до шест голови предност, 35-29.
Тука некаде беше и крајот на сите надежи за гостите, кога веќе сè беше познато, Барса уфрли во петта брзина Мем во 58.минута ги постави и највисоките „плус девет“ (38-29) и на крајот го заврши дуелот со убедлива победа од „плус осум“, 38-30 .
Најдобар поединец на овој дуел беше Дика Мем со 10 голови, го следеше Хампус Ване со 7, кај гостите од Словенија хрватскиот бек Иванковиќ постигна 7 голови, а Влах и Маргуч постигнаа по 6 погодока за својата екипа.