Екипата на Стружанка со убедлива победа ја стартуваше новата сезона во Женската лига, откако на свој терен без проблеми триумфираше против младата екипа на Кузман Вардар, со резултат 48:18 (22:7), во натпревар од групата Б.
Домашната екипа уште од самиот почеток започна да создава резултатска предност и по нерешениот резултат од 1:1 со серија од 3:0 поведе со 4:1 во 5 минута. Ракометарките на Кузман Вардар тешко се справуваа со поискусниот противник, кој со одлична серија од 8:0 се одлепи на 13:2 и веќе во тој момент ја запиша првата победа во новата натпреварувачка сезона. Стружанка на пауза замина со убедлива предност од плус 15 гола разлика, 22:7.
Второто полувреме од натпреварот беше само формалност, во која домаќинките не му дозволија на својот противник да дојде до помала негатива. Кузман Вардар одвреме-навреме погодуваше во мрежата на домашниот тим и во вторите 30 минути успеа да постигне повеќе гола од првиот дел. Избраничките на Владимир Паноски до крајот ја зголемуваа предноста и дојдоа до убедлива победа во својот прв натпревар во новата сезона.
Најефикасна во победничката екипа беше Мендувие Далипоска со десет гола, додека Тијана Переска, Бојана и Ивана Затуроска постигнаа по седум гола во мрежата на гостинот. Кај поразената екипа се истакнаа Габриела Костадиновска со седум и Нина Милевска со четири погодоци.